Граѓаните во општина Чашка се снабдуваат со вода за пиење преку системот за водоснабдување, сопствени бунари и селски чешми. Преку водоводна мрежа со вода за пиење се обезбедуваат 19 населени места. Водата се обезбедува преку реките Бабуна и Тополка.
Во населба Чашка постои Јавно претпријатие за комунални дејности “Тополка”. Тоа е основано од Советот на општина Чашка за вршење комунални дејности од јавен интерес. Претпријатието се финансира од приходи основани од вршење на услугите кои ги дава на корисниците. Другите водоводи со Одлука на Советот на општината им се дадени на користење и стопанисување на Месните заедници од тие населени места.
Одведувањето на комуналните отпадни води од домаќинствата и другите потрошувачи од општината се врши преку канализациона мрежа таму каде постои, а останатото директно се испушта во реките Бабуна и Тополка. Канализациона мрежа постои во 6 населени места, а изградена е и пречистителна станица во село Теово.
Отстранувањето на цврстиот комунален отпад и друг вид отпад се врши колективно и индивидуално. Депонијата за цврст отпад за населба Чашка се наоѓа на месноста Глиниште, атар на село Раковец. Останатите рурални средини се соочуваат со низа проблеми со собирањето на отпадот, а во одредени средини нема организирано собирање на одпадот. Таму каде се собира одпадот надлежни се месните заедници. Наведениве состојби резултираат со создавање на диви депонии кои ја загрозуваат животната средина и здравјето на населението. Водоводот во населбата Чашка бил изграден со местен самопридонес и доброволна работа во 1976 година, а канализацијата во 1986.