Член 20

Членот на Советот има права и должности утврдени со закон и со овој Статут.
Членот на Советот се стекнува со своите права и должности по верификацијата на мандатот.

Член 21

Членот на Советот има право и должност:

  1. да предлага претресување на прашања, појави и состојби што се од локално значење, како и од значење за граѓаните во Општината;
  2. да дава иницијативи за донесување на одлуки и други акти од надлежност на Советот, како и да предлага амандмани, на начин и по постапка предвидени во Деловникот;
  3. да бара од администрацијата на Општината (во натамошниот текст администрација), како и од јавните служби, установи и претпријатија и од други институции, основани од Општината, податоци и други информации за прашања од нивниот делокруг, а што му се потребни за неговата работа во Советот;
  4. да бара и добие стручна помош во изработувањето на предлози што тој му ги поднесува на Советот, во поставувањето на советнички прашања и во вршењето на други работи што му ги доверил Советот, односно комисија во која членува;
  5. да ги чува како тајна податоците, кои се класифицирани како такви, што ќе ги дознае на седница на Советот или на комисија.

Член 22

Членот на Советот има право да присуствува и учествува во работата на седница на комисија на Советот, иако не е член на комисијата, но без право на одлучување.

Член 23

Членот на Советот кој од оправдани причини е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј член е, должен е за тоа благовремено да го извести претседателот на Советот и претседателот на комисијата.
Членот на Советот кој од оправдани причини подолго време е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј член е, има право да побара од Советот одобрение за отсуствување од седниците.
По барањето од ставот 2 на овој член, Советот одлучува без претрес.

Член 24

Советот на општината ги врши следните работи:

  1. Го донесува Статутот на општината и други прописи;
  2. Донесува Програма за работа
  3. Донесува буџет на општината и годишната сметка на општината;
  4. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон;
  5. Основна јавна служба во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа;
  6. Именува членови во управите на јавните служби, кои ги основа;
  7. Ги усвојува извештаите за извршување на Буџетот и годишната сметка на општината;
  8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност закон;
  9. Ги усвојува извештаите за работа и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината;
  10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината;
  11. Одлучува за начинот на вршење на финансиската контрола на буџетот на општината, во согласност со закон;
  12. Го избира лицето кое раководи со пордачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон;
  13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кои го доставува до Министерот за внатрешни работи и Народниот правобранител;
  14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и
  15. Врши други работи утврдени со закон.

(2)Доколку советот не ги усвои извештаите од ставот(1) точките(7 и 9) на овој член, може да покрене постапка за вршење на контрола над материјалното И финансиско работење пред надлежниот орган за надзор.

(3)Раководното лице од ставот(1) точка12 на овој член е избрано ако за него гласале мнозинство од сите совети на општините кои ги опфаЌа подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.
(Извадок од Статут на Општина Чашка)