Целата територија на општина Чашка, пред повеќе милиони години, се наоѓала под вода. Во текот на плиоценот во панонскиот басен и во многу котлини постоеле езера, а климата била слична со климата во денешна Африка. Тогаш се формирало т.н. Бабунско-Тополско Езеро, под кое била и територијата на општината. За постоењето на ова езеро сведочат дебелите слоеви на песок и глина. Првите траги на живот се уште од времето на младата камена епоха-неолитот. Материјални траги за ова се пронајдени во околината на селата Голозинци и Чашка. Нема податоци кои биле најстарите жители на овој простор, а врз основа на расположливата литература утврдено е дека во подоцниот период дека просторот бил населен од Пајонците.

По освојувањето од Филип 2ри просторот се повеќе го населувале и Македонците. Населението претежно се занимавало со земјоделство, сточарство и понекаде обработка на руда. Живееле во мали, засебни живеалишта и тоа воглаво на повисоки и природно заштитени места. По навлегувањето на Келтите територијата потпаднала под власт на Римската Империја. Во тој период бројната состојба на населението доста се зголемила, што предизвикало градење на нови населби и утврдувања. Големи промени настанале по доаѓањето на Словените, населените места биле на чести удари и голем дел од нив биле целосно разрушени, а населението избегало. Дел од античките Македонци кои останале да живеат постепено се споиле со доселениците и оваа природна симбиоза довела до конституирање на денешниот македонски народ.

Населувајќи се во регионот, Словените од племето Берзити (Верзити), ги зафатиле низинските плодни предели покрај Бабуна и Тополка и извршиле соодветни топонимски преименувања. Византија правела обиди оваа Склавинија Берзитија да ја стави под своја власт, но неуспешно, па оваа територија живеела слободно скоро цели два века, се до доаѓањето на бугарската власт во 9 век. Во тој период се поизразено станало диференцирањето на економски план, што го забрзало процесот на феудализација и раслојување на македонското население, а крајната цел била разбивање на компактното заедништво на Македонците на овие простори. Спроведувањето на насилство довело до појава на отпор, во тој период изразен со појавата на Богомилството. Востанието било водено од синовите на кнезот Никола, по што бугарската власт била отфрлена и територијата влегла во рамки на новоформираната држава на македонскиот цар Самуил.

По бурните години кои следеле, во 1018 година македонската држава подпаднала под византиска власт. Следел период исполнет со долги војувања и менувања на власта (крстоносците, Бугарите, Србите), што ја усложнило и онака тешката економска и политичка ситуација во областа. Во периодот на средниот век, започнала силната традиција за негување на делото на македонскиот херој Крали Марко; неговото име го носат повеќе тврдини, како на пример во Бањица, Теово, Владиловци и др. (Марково Кале). На политички и економски план областа на Бабуна и Тополка добила поголемо значење за време на турското владеење, кое започнало по смртта на кралот Марко, по битката на Ровиње во 1395 година. Најпрво, областа го носела името Велешки вилает, а потоа Велешка нахија. Турската држава во почетокот имала доверба во македонското население, па верскиот живот бил релативно добро организиран, а економските прилики не биле ништо полоши во однос на состојбата која владеела пред доаѓањето на Турците.

Процесот на исламизација на дел од македонското население започнува при крајот на 16 век. Во истиот период се зголемил и бројот на албанско население. Значително зголемување на исламизираното население имало до средината на 19 век. Ова било резултат на природниот прираст, но и на доселувањето на поголемата група на исламизирани македонски семејства од областа Река (особено од селото Жировница). По повлекувањето на Турците (биле протерани од австриската војска), уште еднаш настапил период исполнет со немири, масовно иселување на македонскиот народ и населување на доселеници од малоазиските предели – Јуруци и Коњари. Истовремено, поради пространите планински пасишта во горните делови на Бабуна и Тополка, до почетокот на 19 век се населувале Мијаците (во Ореше и Папрадиште), Мијачките Торбеши (во Мелница и Горно Врановци) и Албанците (во Долно и Горно Јаболчиште). Сето ова довело до етничка и верска поделба и иселување на христијанското население, претежно во Велес. Во средината на 19 век султанот издал одобрение во поедини краеви да се обновата разурнатите цркви и манастири (на пр. се обновил манастирот во Војница). Подоцна, манастирите станале место на културно-просветителската дејност на Македонците и нивно национално обединување во борбата за здобивање на својата слобода и држава. Забележителни подготовки за Илинденското востание биле извршени во село Раковец, а биле превземени и конкретни воени активности. Неуспехот на востанието имало катастрофални последици за македонското население. Во наредните години актуелно на организационен план станало селото Војница, кое од страна на организационите чети било користено за престој и префрлување на четите на ВМРО на други места. Пресвртен момент во историјата на населените места во општина Чашка настанува за време на балканските војни, кои биле едни од најкрвавите кои се воделе на територијата на Македонија, а по што се нашле под српска власт. Со цел да го србизираат населението биле превземани разни мерки, од промена на презимињата, до протерување на свештениците и забрана за користење на македонскиот јазик. По тој период следела уште една окупација од Бугарите (во 1915 година) и повторно од Србите (во 1918 година) и сето тоа довело до значително влошување на економската состојба во сите села во општината. Немало патишта, водоснабдувањето било од селски чешми, заразните болести земале замав, производстовото на земјоделските култури и стоката биле само за задоволување на егзистенцијалните потреби. Влегувањето во состав на новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците не донело никакви позитивни промени. Општина Чашка продолжила да егзистира како составен дел на Велешката околија, а потоа постепено се разделила на повеќе помали општини, секоја со посебно седиште. Во тој период во Велес се формирала Социјалистичката работничка партија, која успеала да се прошири и во околните села, а се појавила и ВМРО која го одржувала револуционерниот дух на народот. Следеле бурен период и засилено политичко делување. Падот на Кралството Југославија значел почеток на воспоставување на германскиот и бугарскиот окупаторски режим. КПМ започнала со организационо зацврстување на селата и нивно непосредно вклучување во сите политички настани и процеси. Особено забележителни акции на територијата на општината имал Велешкиот партизански одред “Димитар Влахов”, а најголемата воена акција која координирано ја извеле четите од Одредот бил нападот на Војница. Силниот развој на оружената борба придонел за создавање на се поголеми територии. Во септември 1944 година Президиумот на АСНОМ и раководствата на повеќе политички организации се сместиле во селото Горно Врановци и таму за прв пат ги имале сите услови за работа и раководење. Тогаш, во село Лисиче била формирана интендантска офицерска и артилериска школа, таму биле стационирани и воените мисии на Англија и САД, а во село Јаболчиште имало импровизиран аеродром. На слободната територија активно работеле и голем број на културни работници и уметници. Тука била организирана првата стручна расправа за уточнувањето и развојот на македонската литература, а работела и првата партизанска печатница “Гоце Делчев” од каде што излегол првиот број на весникот “Нова Македонија” и многу други списанија и весници. Политичкото и военото раководство на Македонија останало на слободната територијата на општина Чашка се до конечното ослободување, а кон нивната работа значаен придонес давало и целокупното население. По 1945 година имало разни поделби на територијата, кои на крајот, во 1965 година, довеле до тоа Чашка (вклучително и другите села) да стане само една обична селска населба со видлив економски и демографски пад. Неправдата била исправена со навлегување на плурализмот во РМ и со територијалната поделба во 1996 година, кога Чашка повторно е прогласена за посебна општина која обединувала вкупно 16 населени места. Со новиот закон за територијална поделба од 2005 година кон тогашната територија на општината се приклучени и териториите на поранешните општини Богомила и Извор, па сега општина Чашка брои вкупно 42 населени места. Новите гарнитури на општинската власт со сите сили и со невиден ентузијазам, иако со скромни материјални можности кои им стојат на располагање, од тогаш, па до денес се обидуваат да ја заживеат Општината и да ја трансформираат во современа урбана целина.