Член 33
Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со закон за период од 4 (четири)години.
Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.
Градоначалникот ги врши своите надлежностите во рамките утврдени со закон и овој Статут.
Член 34
Градоначалникот во рамките на своите надлежности:
- ја претставува општината;
- ја контролира законитоста на прописита на советот;
- ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината;
- го обезбедува извршувањето на одлуките на советот;
- го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината;
- иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот;
- го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
- го извршува буџетот на општината;
- избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
- редовно го известува советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со статутот;
- решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон;
- донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
- раководи со општинската администрација;
- одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон;
- обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината, во согласност со закон и статут и
- врши други работи утврдени со закон и статут;
(2) Градоначалникот може да овласти раководен службеник на општината да ја води постапакта и да решава во управни работи, како и да потпишува акти.
Член 35
Градоначалникот е должен во рок од 7 дена од денот на доставувањето на прописот на Советот со Решение да го запре неговото објавување доколку смета дека не е во согласност со Уставот и законите, со кое ќе ги образлжи и причините за запирањето.
Примерок од образложеното Решение за необјавување се доставува до претседателот на Советот на општината.
Советот е должен во рок од 15 дена од денот на објавувањето на Решението да го разгледа и да одлучи по него.
Ако Советот го потврди прописот или не расправа по него во рокот од став 3 на овој член, Градоначалникот е должен да го објави прописот и истовремено да поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред уставниот суд на Република Македонија. За иницијативата Градоначалникот е должен да го информира Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Член 36
Градоначалникот присуствува и учествува во работата на седниците на Советот, а по потреба и на седниците на комисиите на Советот и посебните тела на Општината, без право на одлучување.
Градоначалникот може да определи и свои претставници кои присуствуваат и учествуваат во работата на седниците на Советот, неговите комисии и посебните тела на Општината.
Член 37
Градоначалникот, по барање на Советот, по сопствена иницијатива и по барање на Советот, го известува Советот за извршување поодделни работи од негова надлежност.
Член 38
Градоначалникот обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината.
Градоначалникот управува со сопственоста на Општината во јавен интерес и како добар домаќин.
Градоначалникот е должен, во управувањето со сопственоста на Општината, да презема мерки и да го обезбедува користењето, одржувањето и заштитата на сопственоста на Општината во согласност со закон.
Член 39
Градоначалникот соработува со градоначалниците на другите општини по прашања од заеднички интерес од надлежност на општините.
Член 40
За време на спреченост или отсуство до 6 месеци Градоначалникот го заменува член на Советот на Општината кој го назначува Градоначалникот.
Градоначалникот со решение определува член на Советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство.
Решението од став 1 на овој член градоначалникот го донесува во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата.
Решението од став 1 на овој член се објавува во “Службен гласник на Општината Чашка”.
За настапувањето на спреченоста или отсуството, градоначалникот го известува претседателот на Советот и членот на Советот кој ќе го заменува.
(Извадок од Статут на Општина Чашка)