Општина Чашка е дел од „ Програмата за изградба, опремување и оддување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2018 година“, каде средствата за реализација на оваа програма се обезбедени од Буџетот на Република Македонија, Министерство за труд и социјална политика.

Согласно програмата, средства се обезбедени за изведување на градежни работи за адаптација на простор за Дневен центар за стари и возрасни лица во село Извор, како и набавка, испорака и монтажа на опрема за дневниот центар.

Дневниот центар за стари и возрасни лица во Извор е на … иницијатива на Општина Чашка и ЈУМЦР Велес. Центарот ќе ги зголеми услугите за вршење на социјална заштита во вид на дневен престој, исхрана, лична хигиена како и организирање на работни, културно-забавни и други активности во село Извор и населените места кои гравитираат околу него – Долно Врановци, Стари Град, Оморани, Мартолци, Јасеново, Владиловци, Смиловци.

Населеното место Извор е со одлична местоположба и со функционирањето на Дневен центар и клуб за стари и возрасни ќе се подобри квалитетот на живот и создаде услови за пополнување на слободното време на старите и возрасни лица.

Чистата животна средина е само предуслов за поминување на деновите особено за старите лица кои се со постојано место на живеење во Извор, но и за оние кои живеат во Велес а своите денови во пензија ги користат за престој во викенд куќите.

Со заеднички пристап на институциите на државно и локално ниво создаваме позитивни резултати, директно се подобруваат условите за живот во населените места со што се придонесува кон задржување на месното население и овозможува спречување на миграцијата село-град.

Имено на територија на Општина Чашка се 42 населени места од кои во Населба Чашка и Богомила веќе постојат и активно функционираат Дневни центри – клуб за стари лица.

Согласно „Попис на населението“, 2002 година, Државен завод за статистика на територија на Општина Чашка живеат 7673 жители од кои мажи се 4017 и жени 3656. Во населеното место Извор евидентирани се вкупно 480 жители.

Општина Чашка е една од општините каде бројот на население се зголемува и со воведување на нови услуги за живот во населените места директно ќе се придонесе кон задржување на населението во своите огништа и спречување на миграцијата село- град.