На територијата на Општина Чашка, според евиденцијата на Агенцијата на катастар на недвижности на Република Македонија, повеќе од 80 проценти од катастарските парцели се со незапишани права или се со нерасчистени имотно правни односи. Поради оваа причина, на иницијатива на Градоначалникот на Општина Чашка – Горан Стојановски, со цел да се излезе во пресрет на барањата на жителите на општината и на сите оние кои имаат имот на територијата на истата, се организираше средба на жителите со претставници на АКН. На средбата, покрај …

Градоначалникот присуствуваа и Директорот на АКН – г-дин. Борис Тунџов, Раководител на Сектор во АКН – г-дин. Зоран Мукановски, Државниот Секретар во АКН – г-ѓа Соња Димова, Раководителот на одделение за Катастар на недвижности Велес – Билјана Петровска и дел од администрацијата директно инволвирана во оваа проблематика. Претставнците од АКН во воведното излагање ги запознаа присутните со измените на законската регулатива и подзаконските акти кои се во постапка на донесување, а чија цел е во голема мера да придонесат за надминување на децениските проблеми со кои се соочуваат жителите во поглед на незапишаните имоти и имотно правните односи.

Имено, законските измени предвидуваат три чекори, преку кои жителите со било каков доказ на сопственост ќе ги исправат грешките кои се направени при запишување на имотите, а кои генерално произлегуваат од досегашната лоша законска регулатива и неажурното работење на АКН. Исправката е предвидено да се прави бесплатно, во најголем случај без изработка на геодетски елаборати, што нема да предизвика финансиско оптоварување на жителите. Оваа подадена рака на претставниците на Агенцијата за катастар на недвижности беше топло прифатена од присутните и превземените чекори наидоа на позитивна критика.

Во неколкучасовната дискусија се поставуваа прашања и се даваа одговори кои во најголем број ги задоволија присутните. Средбата заврши со ветување на Директорот на АКН – г-дин. Борис Тунџов, дека кога ќе стапат во сила законските измени ќе се одржи најмалку уште една ваква средба и ќе се дискутира за конкретни проблеми со конкретни решенија.

Воедно се појави и расположение да се отвори канцеларија на АКН на територијата на Општина Чашка, што уште повеќе ќе ги приближи услугите на Агенцијата до жителите, а воедно ќе придонесе за надминување на проблемите на поефикасен начин.