Општина Чашка е посветена кон градење на квалитени локални родови политики . Во таа насока членовите на Советот на Општина Чашка и на Комисијата за еднакви можности, како и координаторот за еднакви можности заедно со претставници од администрацијата на општината учествуваа на обука – „Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики“. Обуката беше организирана по барање на општината, на 30 март, 2022 година во просториите на оваа единица на локална самоуправа. Пред носителите на локалните политики и буџети за родовата перспектива и пред креаторите на локалните политики од оваа област, обуката ја спроведоа претставнички од стручната служба на ЗЕЛС.

Целта на обуката беше запознавање на претставниците на Советот на Општина Чашка за концептот за родова еднаквост и нивна мотивација за делување во насока на унапредување на положбата на жените во сите сфери на општествениот живот.

Присутните се запознаа со основните родови поими и концепти, националната правна рамка и механизмите за родова еднаквост на национално и на локално ниво, со законските обврски на општината во оваа област, како и со процесите на креирање и имплементација на локални родови политики.

Беше презентирана и процентуалната застапеност на жените по институции во земјава и по области, а низ интерактивни вежби и дискусија учесниците беа поттикнати да ги идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во неколку клучни области: образование, вработување, здравство, спорт и социјална заштита.

Претставниците од општина Чашка добија насоки како да креираат можни решенија и мерки за надминување на претходно утврдените предизвици.

На крајот од обуката присутните посочија дека се задоволни од реализираната обука и дека таа ќе придонесе да имаат поквалитетен и покреативен пристап при разгледувањето на прашања од родов аспект, а особено при донесувањето на одлуки за градење на родови локални политики.

Обуката е само една алатка за координирано делување во насока на развивање и усвојување на родово-сензитивни локални политики, развивање на активности и програми низ родова перспектива.