Општина Чашка во соработка со ЈКПД „Тополка„ и ЈП „Македонија Пат“ врши уредување на просторот во непосредна близина на железничката пруга на местото викано “Пашин мост” кое се наоѓа на границата на општините Велес и Чашка. Имено со добиена согласност на ЈП “Македонски железници” – Инфраструктура, објектот ќе се намени во туристичко-информативно биро, а просторот ќе се оплемени за секој посетител, љубител на природата и здравата животна средина со што ќе се зајакне локалниот економски развој на … општината.

Општинските стратегии јасно ги определуваат земјоделството и туризмот како главни столбови на економскиот развој на општината, сето тоа поткрепено со функционална инфраструктура. Во таа насока се грижиме за подобрување на инфраструктурата и условите за секој посетител на Општина Чашка.

Нашата општина нуди услови за развој на алтернативниот туризам, а природните убавини се само предуслов за посета на сместувачките капацитети, планинарските домови, мотели. Сите љубители на природата имаат можност да поминат неколкудневен престој во Богомила, Нежилово, Оморани, Ораов дол, Мокрени, Папрадиште, Голозинци, а за оние поискусните може да се посети и планинарскиот дом Чеплес.

Во најскоро време овој простор ќе добие нов лик. Просторот ќе биде хортикултурно уреден, ќе предвидува паркинг, ќе биде поставена урбана опрема за пладнување, а во објектот чие реновирање е во план ќе се нудат сите потребни информации за туристичките капацитети и атрактивни места кои може да се посетат на територијата на општина Чашка, со што престојот на секој љубител на недопрената природа, органските производи и спортовите во природа (велосипедизам, алпинизам, планинарење, параглајдинг) ќе го направи уште попријатен