Во екот на месецот на жената, март, асоцијацијата „Хероини во Туризмот“ организираше прва конференција во нашата земја, посветена на жените претприемачки во областа на туризмот, со цел споделување на успешните приказни и взаемна поддршка за развој на туризмот во Македонија. Конференцијата се одржа на 30ти март во Скопје, а повеќе од 100 учеснички со одлично расположение се мотивираа меѓусебно за осмислување на нови бизнис можности за подобрување на туристичката понуда во Македонија. Сопственички на хотели, ресторани, туристички водителки, занаетчики, тур-операторки, производителки на храна, претставнички од донаторските институции и уште многу други, ги споделија своите искуства по трнливиот пат на развојот на своите бизниси, а во една прекрасна, опуштена атмосфера, разговараа за реализација на своите замисли во иднина. Беше даден поттик за поголем развој на авантуристичкиот и еко-туризам, особено што по крајот на глобалната Ковид-19 пандемија, сите анализи покажуваат драстично зголемување на потребата на луѓето од интересни патувања во средини кои се поретко населени и кои нудат директен контакт со природата и посебни гастрономски доживувања.
Катарина Георгиевска, жителка на село Оморани од нашата општина и сопственичка на гостинската куќа за селски туризам „Ранчо и Ванчо на Ката“, учествуваше на оваа конференција, со цел промоција на сопствениот бизнис и подобрување на туристичката понуда во нашата општина. Општина Чашка располага со идеална географска локација, природни вредности и мала густина на населението, со што ги исполнува сите критериуми за развој на руралниот туризам кој веќе е тренд во светски рамки.