На 21-ви август 1996 година согласно законот за територијална организација на локална самоуправа основана е Општина Чашка. Подоцна во 2005 година кон Општина Чашка се припојуваат поранешните општини Извор и Богомила. Денес, Чашка е Општина која е трета по територија во Република Македонија, со 42 населени места во која живеат 8.786 жители. Општина Чашка е мултиетничка Општина која ги негува меѓуетничките односи, традицијата, културата.

По повод одбележување на 22 година од формирањето на Општина Чашка, денес беа организирани повеќе настани кои го обележаа овој свечен ден. Главната церемонија започна во 12.00 часот, во салата на ООУ „Тодор Јанев“ каде свое обраќање пред присутните имаше Градоначалникот, г-дин Горан Стојановски. Во својот говор тој ги … истакна проблемите на Општината и проектите кои ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните.

Градоначалникот го потенцираше решавањето на најгорливиот проблем за Општината – јавниот долг. „Преку политиката на контрола на сите трошоци, финансиски ја консолидиравме Општината при што основниот долг е намален за 12.109.000,00 денари (окулу 80%), исплатена е првата рата од кредитот, одблокирана е сметката на Општината и утврдена е динамиката на плаќање на сите идни обврски кои ќе произлезат од активните проекти што се работат во моментот.“ изјави Градоначалникот

Тој ги презентираше и проектите кои беа реализирани во неколку населени места изминатиот период. Како позначајни проекти се:
-набавката на пумпи и хлоринатор за подобрување на водоснабдувањето во Богомила
-реконструкција на општинската зграда со цел овозможување непречено работење на општинската администрација
-пуштање во употреба на новата детска градинка во населба Чашка
-уредување на централниот плоштад во населба Чашка.

На покана на Градоначалникот, присутните присуствуваа и на свечената презентација на новото специјално возило – камион за собирање и транспорт на комунален отпад во вредност од 3.500.000,00 денари како и металните контејнери со големина од 1.1 м3 за собирање и на комунален отпад во вредност од 613.000,00 денари. Средствата се обезбедени од Бирото за Регионален Развој (БРР) како финансиска поддршка на проектот „За чиста Чашка“ чија што цел е заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Градоначалникот го посети и домот за стари лица каде беше организиран турнир во шах. Тој на учесниците им подели благодарници и изрази благодарност за придонесот во одбележување на овој свечен ден.

По повод денешниот Ден на Општина Чашка, на 29-ти август од 10.00 до 16.00 часот во салата на ООУ „Тодор Јанев“ населба Чашка, ќе се одржи крводарителска акција во организација на Црвен крст Чашка. Ги повикуваме сите заинтересирани крводарители да земат учество во овој благороден чин.