Петар Поп Арсов е еден од основачите на македонското револуционерно движење од крајот на 19 век. Тој е еден од основачите на ТМОРО, а воедно е член на потесното раководство на организацијата како член на ЦК на ТМОРО.
Спомен куќа на Петар Поп Арсов — спомен-куќа во селото Богомила, роден дом на македонскиот револуционер Петар Поп Арсов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација. Куќата е донирана на Република Македонија од Стамен Поп-Арсов.
Во 1986 година куќата била конзервирана и била поставена музејската поставка. Истата година, куќата била прогласена за културно наследство на Македонија. Во текот на повеќе децении оваа спомен-куќа била посетена од илјадници посетители.
Во состав на зградата, има и етнолошка поставка на предмети од АЗОТ.
Оваа етнолошка поставка е составена од етнолошки предмети кои ја претставуваат материјалната и духовната култура на населението од пределот Азот, општина Чашка.
Предметите се изработени од дрво, керамика, текстил, стакло, метал.
Изложени се традиционални метални, дрвени, текстилни и керамички покуќнински предмети кои се употребувале во домаќинството како котле, врчви, стомни, калници, качиња, корита, ковчег, разбој и др.
Традиционални дрвени и метални предмети и алатки кои се користеле во народното стопанство како рало, крлак, јарем, сврдел, вила, срп, кош и др.
Традиционални текстилни предмети како народна носија, бовчи (скутини), ќилими и др.
Сите овие етнолошки предмети се едни од најрепрезентативните предмети од регионот Азот, преку кои се прикажува етничката состојба на населението.
Оваа етнолошка поставка е направена со цел фондот на етнолошките предмети да се презентира пред пошироката домашна и меѓународна јавност а воедно и посетителите да се запознаат со традиционалниот начин на живеење на населението од регионот Азот, и тоа преку предметите кои се користеле за изведување на разни обичаи, традиции и ритуали кои се белег на Азот.