НВО Инфоцентар во партнерство со АКТИВО од Велес, преку проектот „Здружени за активно граѓанство“ кој е поддржан од Европската Унија, и во соработка со Општина Чашка ги одржа  информативни средби за јакнење на капацитетите на млaдите во Општина Чашка со цел формирање младински совет во општината.

Информативните средби  се одржаа  на 15 октомври 2022 година (сабота) со почеток во 10 и во 14 часот во Салата за состаноци на Советот на Општина Чашка.

На истата воведно обраќање имаше Горан Стојановски, Градоначалник на Општина Чашка кој ја поздрави оваа иницијатива и нагласи дека Општина Чашка е високо на листата на пријателска општина кон младите, со транспарентност на политиките, благовремено информирање и достапност за секое прашање и одговор во најбрзо време, но и со отвореноста за прифаќање и финансирање на младински проекти. Она што во моментот е од значење за нас, е што Чашка станува општина која започнува со иницијатива за формирање Локален младински совет. Младите треба да бидат партнер на институциите, а во соработката треба да се вклучи и невладиниот сектор.

На информативните средби присуствуваше и Трајче Мишкоски, Претседател на Советот на Општина Чашка, кој според неговата возраст припаѓа на категоријата Млади, потенцираше дека младите во Општина Чашка ја имаат неговота поддршка и поддршката на Советот на Оштина Чашка за конретни идеи и актвности кои се во интерес на младите во Општина Чашка.

Информативна средба 1: Беше со цел запознавање со важноста на практикувањето на младинските политики, а предавачот Мазлам Ајдини, кој е младински активист од ЗЕУКС Тритон и член на ЛМС во Општина Маврово и Ростуше, се осврна на практикувањето на младинските политики во Репубика Северна Македонија, ги пренесе и искуствата од Општина Маврово и Ростуше, по што следуваше дискусија со присутните на оваа информативна сесија.

Информативна средба 2: Беше со цел запознавање на новата законската рамка за формирање ЛМС според новиот закон за младинско учество и младински политики

Предавачот Дитурим Џеладини, кој е младински активист од ЦЕД Теарце и претседател на ЛМС во Општина Боговиње, ги презентираше процедурите за формирање ЛМС пропишани во Законот за учество и младински политики. Исто така ги пренесе искуствата од Општина Боговиње, по што следуваше дискусија со присутните на оваа информативна сесија.

Идејата на оваа иницијатива е да се иницира формирање на локален младински совет (ЛМС) во Општина Чашка, кој ќе придонесе кон вклучување на младите во носењето одлуки, поголема информираност, јакнење на улогата на младите во општината, препознавањето на младинските потреби и предизвици, поттикнување на напредокот и развојот на младите како и зајакнување на нивната улога во општеството. За самите млади ова ќе биде мотивирачки чекор да практикуваат активно граѓанство, да учествуваат во решавањето на проблемите на младите од општината и да работат во градењето на подобра иднина во локалната средина за сите граѓани. Во Општина Чашка до оваа година сеуште не се има формирано локален младински совет, иако се донесе законот за младинско учество уште во 2020 година кој ги задолжува сите општини да ги вклучат младите во носењето на младинските политики на локално ниво преку формирање на локални младински совети, развивање на ефективни младински политики како и јакнење на демократските капацитети во нивната заедница се со цел да бидат активни и ангажирани за изнаоѓање на решенија за подобар живот.